Денеска е „Денот Д“ за Палермо – Пад во Серија Ц или на пат кон Серија А

Македонските репрезентативци Илија Несторовски и Александар Трајковски, но и сите во Палермо со нетрпение, но и со многу страв ја чекаат конечната одлука на Федералниот суд на Италија, кој денеска треба да одлучи по кој пат ќе тргне во иднина клубот од Сицилија.

Поради финансиски малверзации на сега веќе поранешниот претседател Маурицио Цампарини, клубот е во опасност од преселба во понизок ранг.

„Или ќе биде одлука за пад и преселба во Серија Ц или ќе ни трасираат пат кон Серија А“, напишаа навивачите на Палермо.

Популарните „Ла Курва Норд 12“ објавија и транспарент со поддршка за клубот за којшто навиваат, а објавија и соопштение во кое бараат еднаков аршин за сите.

Лани Палермо и буквално беше изигран во финишот на сезоната и на сомнителен начин Фрозиноне го престигна во последното коло за директен пласман во Серија А.

Навивачите на Палермо беа бесни, а сега во соопштението ја споменаа и таа епизода, но и пресвртот во „случајот Парма“ и бараат клубот од Сицилија да биде заштитен од манипулациите што ги правел Цампарини.

Одлуката на Федералниот суд ќе биде соопштена во текот на денешниот ден. Ако не биде казнет клубот, Несторовски и Трајковски ќе се подготвуваат за плејоф-мечеви, што ќе го дадат и третиот патник во Калчото, покрај Бреша и Лече, кои ќе играат во Серија А следната сезона.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести