Судиите си дремнаа, Вегас ги нокаутира ѕвездите на Далас (Видео)

Вегас Голден најтс го возврати ударот со победа од 3:0 во вториот меч од финалната плејоф-серија во Западната конференција во НХЛ-лигата против Далас старс и израмни на 1:1.

Франшизата која е последна формирана во НХЛ и постои од 2017 година го игра второто финале во својата конференција и со головите на Пол Стасни, Вилијам Карлсон и на Томас Ношек, сите во вториот период, победи во вториот дуел против Далас со 3:0.

Старс го добија премиерниот меч со 1:0, па сега во серијата до 4 победи резултатот е израмнет на 1:1. Поразениот тим во еден момент од мечот беше оштетен, а заспаа судиите, кои не забележаа дека Вегас игра со хокеар повеќе на мразот во Едмонтон, па пропустот на победничката екипа не беше казнет со исклучување од две минути.

Вегас, иако игра само три сезони во НХЛ, двапати беше шампион во својата дивизија, еднаш и во Западната конференција, а сега се обидува да стигне и до второто големо финале во битката за пехарот во Стенли купот. Во дебитантската сезона, 2017/18, играа плејоф-серија за титулата против Вашингтон капиталс, но загубија со 1:4.

Далас има една титула, што ја освои со триумф од 4:2 во финалето во 1999 година против Бафало сејбрс, а има и три порази во НХЛ-финалињата.

Во Источната конференција, Тампа беј лајтнингс води со 1:0 против Њујорк ајландерс по стартната победа од 8:2.

 

- Оглас -

Најнови вести