Судијата кој предвреме двапати отсвири крај на меч, се брани: Мислев дека ќе завршам во ковчег!

Судијата Џани Сиказве, кој стана познат по тоа што двапати отсвири крај на натпреварот помеѓу Тунис и Мали од Африканскиот куп на нациите, раскажа дека лошо се чувствувал за време на мечот и добил топлотен удар.

„Тој ден беше многу топло, а влажноста беше околу 85 проценти. Уште по загревањето се чувствував непријатно. Пиев вода за да се освежам, но како да беше џабе, ништо не ми помогна. На полувреме пиев вода и сок, а во второто полувреме не личев на човек кој одморал, не слушав ништо. Следниот ден бев во болница“, вели замбискиот судија.

Сиказве сега е добар, но тврди дека Бог го терал да го заврши мечот предвреме.

„Бев блиску до тоа да се вратам во Замбија во ковчег. Луѓето имаа негативни коментари за мене, но беше многу топло. Мислам дека Бог беше тој што ме принуди да го завршам мечот порано. Некои велат дека можеби е време да престанам да судам, но нема да се откажам“, додава Сиказве.

- Оглас -

Најнови вести