Нема напредок во играта на Манчестер јунајтед ниту оваа сезона. Англискиот гигант не е конкурентен во Премиер лигата, го нема во Лигата на шампионите, а синоќа одигра само 1:1 против Твенте на „Олд Трафорд“ на стартот од Лигата на Европа.
Се чини дека менаџерот Ерик тен Хаг ги губи последните кредити и од утрово во Англија веќе се пишува за неговото разрешување и можните замени.
Раководството на Манчестер јунајтед наводно има желба да ангажира двајца тренери, но и двајцата во моментот имаат ангажман. Станува збор за менаџерот на Њукасл, Еди Хау, и за тренерот на Интер, Симоне Инзаги.
Кога е Еди Хау во прашање, ситуацијата би можела да биде полесна за Манчестер јунајтед поради наводната расправија на Англичанецот со спортскиот директор на клубот, Пол Мичел, но сè уште сето ова е во доменот на шпекулациите.
Симоне Инзаги, од друга страна, има силна позиција во Интер, шампион е на Италија, и ќе биде многу потешко за Ѓаволите да го „украдат“.
Во секој случај, Тен Хаг дефинитивно ги брои последните денови во клубот и тешко е да се очекува дека некое чудо би можело да го спаси, како што веќе еднаш се случи ова лето и доби доверба и за новата сезона.