Менаџерот на Манчестер јунајтед, холандскиот стручњак Ерик Тен Хаг, изјави дека Кристијано Роналдо физички не е 100 проценти подготвен, и затоа не игра по 90 минути на секој меч, туку најчесто е на клупата за резерви.
Роналдо кој има 37 години, е најефикасен фудбалер во историјата на овој спорт, и не е навикнат да „дреме“ на клупа и да чека шанса да заигра во вторите полувремиња. Затоа за него се врзуваат многу шпекулации дека сака да си оди од клубот. Дури и сега кога заврши преодниот рок во речиси цела Европа и за натпреварувањата на УЕФА, се спомнува негово заминување, сега во Фенербахче, бидејќи во Турција преодниот рок е до 8-ми септември.
„Некогаш ќе бидам негов пријател, некогаш негов учител, зависи од ситуацијата. Тој не беше со нас на подготовките и на летната турнеја, а без подготовки во летниот период, не можеш да играш. Неговата минутажа ќе зависи од текот на мечевите и од физичката подготвеност“ – вели Тен Хаг, кој денеска против Арсенал треба да му даде шанса за деби на скапото засилување Антони кој дојде од Ајакс.