Тешка е животната приказна на Михајловиќ: Војната во Вуковар, губење на детето, совршениот меч…

Кога ќе се каже името на Синиша Михајловиќ, веднаш асоцијација е неговиот прецизен силен шут со левата нога. Иако на позиција дефанзивец, Михајловиќ во кариерата даде повеќе од 80 голови. Почна во Борово, потоа во Војводина, а врвот го достигна со Црвена ѕвезда, со која стана европски и светски првак во 1991 година.

По тој успех со Ѕвезда, Михајловиќ замина во Италија, каде живее и работи до денеска. Како играч ги носеше дресовите на Рома, Сампдорија, Лацио и Интер, а кариерата ја заврши во 2006 година. Михајловиќ не можеше да продолжи без фудбалот па стана тренер, а моментно е на чело на Болоња. И додека се подготвува за стартот на новата сезона, Србинот слушна страшни вести.

Тој е тешко болен и има акутна леукемија. Иако се работи за страшна болест, Синиша најави дека ќе остане тренер на Болоња и дека ќе се бори, да ја добие најваѓната битка – битката за животот.

Михајловиќ во февруари наполни 50 години и по тој повод имаше интервју во „Газета дело спорт“, каде го опишува целиот свој живот, кој воопшто не бил лесен.

Под наслов „Во животот сум имал и сум поминал сѐ“, Михајловиќ го открива поголемиот дел од својот приватен живот.

„Татко ми беше камионџија. Почина на 69 години од рак на белите дробови. Кога си замина, јас не бев покрај него. Секој ден размислувам за тоа. Кога беше војната, го молев да дојде во Италија, но тој сакаше да остане во родната земја.Сакав да ги гледа внуците како му растат. Од друга страна, мајка ми остана иста. Ме гледа со истиот поглед како кога бев дете. Не зборува италијански, а моите деца малку зборат српски. Сепак кога ќе дојде во посета кај нас во Рим, сфаќам дека зборови не се потребни за да се покаже љубов“, вели Михајловиќ во интервјуто.

САКАЛ ДА ЈАДЕ БАНАНИ, НО НЕМАЛ ДОВОЛНО ПАРИ

„Денеска живеам добар живот, но знам како е и кога немате доволно за да јадете. Како дете многу сакав банани, но немавме доволно пари. Мајка ми ќе купеше една банана и таа ја делевме со брат ми. Еднаш реков дека кога ќе се збогатам, ќе купам цел кампион банани и ќе ги изедам. Денес одам во најубавите ресторани, јадам од најскапата храна, ги пијам најдобрите вина, но ништо не може да ми биде толку вкусно како тие банани од детството“, вели фудбалерот кој е роден во Вуковар, местото кое стана симбол на војната во поранешна Југославија.

„За мене Вуковар беше најубавиот град во светот, а потоа ста симбол на војната. Пред две години се вратив во градот, по пауза од 25 години. Се сеќавам на срушените згради, на машините кои правеа ровови. Немаше ни кучиња, ни птици да летаат. Се сеќавам на една ситуација која две 10-годишни деца носеа пушки во рацете, ме сопреа. Во очите им се гледаше, тоа беа возрасни луѓе во тело на деца. Тажни очи кои виделе сѐ, освен детството. Еден од нив ме праша кој сум. Често се сеќавам на таа ситуација и размислувам дали тие деца преживеаа? Ако се живи, тоа се сега возрасни луѓе. Се надевам дека се живи и дека ја почувствувале малку светлината на животот“, се сеќава Михајловиќ.

НАЈТЕШКА ВОЈНА Е БРАТСКАТА ВОЈНА – МОЈОТ НАЈДОБАР ПРИЈАТЕЛ ЈА УНИШТИ МОЈАТА КУЌА

Фудбалерот е еден роден во „мешано“ семејство на Србин и Хрватка. Тој одбра дека е Србин, но се сеќава како најдобрите пријатели, роднините се убивале за време на војната.

„Сите војни се ужасни, но ниту еден не е како братоубиствената војна. Тоа ние го доживеавме во поранешна Југославија. Пријателите пукаат еден кон друг, семејствата се распаѓаат. Сведок сум на тоа како снемува градови, изгубив драги пријатели. Мојот најдобар пријател ја уништи мојата куќа. Мојот вујко, брат на мајка ми, велеше дека сака да го заколе татко ми како свиња. Потоа него го најдоа „тигрите“ на Аркан и за малку ќе го убиеја. Ми се јавија на мене и му го спасив животот. Со Аркан се знаев и пред војната и не кријам дека ги осудувам неговите злодела за време на војната. Ќе бидат потребни уште две генерации за да се свестиме што се случило. Јас сум Србин од глава до петици“, вели Синиша во интервјуто.

ИМА ПЕТ ДЕЦА, НО ЖАЛИ ШТО НЕ УСПЕАЛ ДА СЕ ИЗРАДУВА И НА ШЕСТОТО

Михајловиќ е оженет со Аријана и со нејзе ги има децата Викторија, Вирџинија, Мирослав, Душан и Николас.

„Сопругата и децата се мојата сила. Кариерата ми пречеше за целосно да уживам во семејството и да ги гледам како растат. На најмладиот син му посветив најмногу внимание бидејќи веќе не бев активен фудбалер и имав повеќе време. Пред малку повеќе од година дена, Аријана повторно беше трудна, но за жал, бременоста мораше да ја прекине. Таа пати поради тоа, го гледам секој ден“, вели Михајловиќ, додавајќи дека времето брзо поминува.

„Кога бев млад имав долга коса со локни. Сега тука се белите влакна. Што се однесува до енергијата и ентузијазмот, се чувствувам како да имам 20 години. Сепак има и моменти кога ќе размислам сѐ што имам поминато, се чувствувам како да имам 150 години“, вели 50-годишниот Михајловиќ.

ПЛАСМАНОТ НА ЕП ВО ДУЕЛОТ ПРОТИВ ХРВАТСКА

Од фудбалски аспект, за Михајловиќ, најдобриот меч во кариерата го има одиграно во дресот на Србија.

„Тоа беше првиот меч меѓу Србија и Хрватска по војната, во Загреб. Дуелот заврши 2:2, а ние се изборивме за место на Европското првенство. На тој меч, јас асистирав на двата погодоци, а новинарите во Србија ми дадоа оценка 10 за мојата игра“, се сеќава Михајловиќ.

Како три најважни работи во животот, Михајловиќ би ги издвоил „првата средба со неговата жена и нејзината насмевка, раѓањето на децата и третата работа: Залет, удар со левата нога и топката е во мрежата“.

Михајловиќ е вистинска фудбалска легенда, која сега треба да го добие најважниот меч во животот – да ја победи опасната болест која неодамна го нападна.

 

 

- Оглас -

Најнови вести