Тестовите се негативни, на ред се позитивни резултати на терен за пласман на ЕП
Македонската кошаркарска репрезентација го одработи првиот тренинг во Перм.

Македонската кошаркарска репрезентација нема никакви пречки, барем што се однесува до корона-вирусот, за поход кон Европското првенство кое ќе се игра во 2022 година. По пристигнувањето во Перм и направените тестови, нема ниту еден позитивен на корона-вирусот во македонскиот состав.
Избраниците на селекторот Александар Тодоров утрово веќе го одработија и првиот тренинг во Перм, и тоа во комплетен состав. Вчера пред тргнување во репрезентацијата се приклучија и Стојан Ѓуроски и Ненад Димитријевиќ.
Македонската репрезентација има два порази во два меча во досегашниот дел од квалификациите и моментно е на последното, четврто место во групата. Лидерот Италија, која има перфектни три победи од три меча е нашиот прв ривал во Перм, а дуелот се игра в четврток, од 15:30 часот.
Во нашата група тука се уште и Русија и Естонија, селекции од кои веќе еднаш бевме поразени.