Датумот шести ноември засекогаш ќе биде запамтен како датум на кој е остварена најславната кошаркарска победа во Македонија. Точно пред 22 години, МЗТ Скопје во својата сала „Јане Сандански“ го пречека најтрофејниот европски клуб, Реал Мадрид. Тоа беше во рамките од тогашниот Сапорта куп.
Шпанскиот гигант беше апсолутен фаворит. Со Жељко Обрадовиќ на клупата, а Дејан Бодирога на теренот, Кралскиот клуб веруваше дека лесно ќе помине во Скопје. Сепак, играчите на МЗТ не мислеа така. Врбица Стефанов, Мирза Куртовиќ, Тони Симиќ, Игор Михајловски, Дејан Димов, Марк Дин, Перо Блажевски и Ѓорѓи Књазев лавовски се бореа на теренот, а предводени од Александар Књазев од клупата, станаа кошаркарски херои за кои уште долго време ќе се зборува.
Во пеколна атмосфера во тогашната сала „Јане Сандански“, МЗТ направи чудо. Перо Блажевски ги даде победничките поени, и тоа од линијата за слободни фрлања на три секунди до крајот, а Аеродромци славеа со 69:68. Пред изведувањето на слободните фрлања, се памтат зборовите на коментаторот Љубомор Николовски, кој рече „тишина е потребна“. Цела сала молчеше се додека Блажевски не ги даде двете слободни фрлања, а потоа ерупција бидејќи славниот „крал“ од Мадрид падна на колена во Аеродром.
Овој меч уште долго ќе се памети, а во Аеродром постои и графит посветен на најважниот момент во македонската клупска кошарка. Перо Блажевски со топката се обидува да се концентрира, а стојат и зборовите „Тишина е потребна“…
За жал, македонската кошарка сезонава не само што нема свој претставник во силно европско натпреварување, туку како најголем успех е играњето на МЗТ Скопје Аеродром во АБА 2 лигата, додека шампионот Работнички не игра ниту во регионално натпреварување.