Тоа е моќта на Вардар: Фантастичен финиш и пенал драма за ново СЕХА финале!

Вардар ја покажа зошто е актуелен СЕХА шампион, откако во драматичен меч го победи Загреб и тоа дури по изведување на пенали. По 60 минути игра, резултатот беше 26:26, а во пенал рулетот македонскиот првак победи со 4:3 и се избори за место во финалето на фајнлфорот во Задар.

Вистинска драма беше во последните 10 минути. Загреб имаше предност од 24:18, но Вардар не се предаде. Со серија од 5:0 Црвено-црните стигнаа до 24:23 на пет минути до крајот. Во овој период одличен на голот беше Борко Ристовски кој имаше пет одбрани во овој краток период.

Во последната минута Загреб влезе со предност од 26:25 и напад, но Ристовски уште еднаш одбрани и даде шанса за Вардар во последните 10 секудни да стигне до реми. Јотиќ погоди на три секунди до крајот и се избори за пеналите. Голманот Ристовски беше херојот на Вардар, успевајќи да фати два пенали на ракометарите на Вардар.

ВАРДАР ВО ПОГОЛЕМ ДЕЛ ОД МЕЧОТ БЕШЕ ВО НЕГАТИВА

Мечот започна израмнето во првите 15-тина минути. Вардар водеше со 9:8, а потоа следеше серија од 5:0 за предност на Загреб од 13:8. Вардар намали на 14:13, но до крајот на првиот дел хрватскиот тим стигна до 16:13. Загреб почна офанзивно и во второто полувреме, па во 35 минута прв пат поведе со пет разлика (19:14). Високото водство на Загреб беше се до 50 минута (24:18), а потоа следуваше шоуто на Вардар кој успеа да стигне до 26:26 и да се избори за пенали, во кои се покажа дека храбрите ги следи среќата.

Дисингер и Дибиров со по шест гола беа најефикасни за Вардар, Гаџа погоди 4 од 4, а четири погодоци даде и Јотиќ. Во листата на стрелци кај Вардар се запишаа и Валчак со 3 гола, Калараш 3, Вујин 3 и Чупиќ со еден гол.

ВО ФИНАЛЕТО ПРОТИВ ВЕСПРЕМ

Во второто полуфинале кое беше одиграно претходно, Веспрем со 28:24 го победи Мешков Брест. Унгарскиот тим до победата стигна благодарение на подобрата игра во второто полувреме кое го добија со 16:11. Веспрем ќе биде противникот на Вардар во финалето.

 

- Оглас -

Најнови вести