Топки со кои се играа Светските првенства: Новата ера започна со „Адидас Танго“ која засекогаш го промени фудбалот

Светското првенство во Катар ќе се игра со топката „Ал-Рихла“, која е 14-та топка создадена од германскиот производител „Адидас“ за фудбалските Мундијали.
„Ал-Рихла“ на арапски значи „патување“ и е инспирирана од културата, архитектурата, легендарните бродови и катарското знаме.

Приоритет при креирањето на топката беше одржливоста, а воедно е и првата топка што е направена исклучиво со мастило и лепак на база на вода.

Според производителот, топката ќе лета низ воздухот побрзо од која било фудбалска топка досега и ќе им обезбеди на играчите „највисок можен степен на сигурност и прецизност кога станува збор за играта во поле“.

„Играта станува сè побрза и како што се забрзува, прецизноста и стабилноста на летот стануваат многу важни. Новиот дизајн ѝ овозможува на топката да одржува значително поголема брзина додека патува низ воздухот“, објавија од „Адидас“.

Интересно, финалето на првото светско првенство во Уругвај во 1930 година се играло со две топки. Бидејќи Уругвајците и Аргентинците не можеле да се договорат, пресудила ФИФА и одредила по една топка за едно полувреме. Аргентинците ја избраа топката „Тијенто“ и по првото полувреме водеа со 2:1, а во вториот дел Уругвајците, кои се одлучија за „Т-модел“, постигнаа три гола и славеа со 4:2 со пресврт.

Четири години подоцна, во Италија се играше со топката „Федерале 102“, додека Французите во 1938 година ја претставија топката „Ален“. За Светското првенство во Бразил во 1950 година, топката ја дизајнира и изработи аргентинската компанија „Тосолини-Валбонеси-Поло и Сиа“ и таа беше дотогаш најдобрата топка .

Во Швајцарија во 1954 година се играше топката на Swiss World Champion Match, која очигледно им одговараше на играчите бидејќи тој Мундијал е најефикасен во историјата со просек од 5,38 гола по меч.

Во Шведска во 1958 година се играше со топката „Топ Стар“, додека четири години подоцна во Чиле се играше со две топки, „Крак“ и „Топ Стар“. На Мундијалот во Англија 1966 година се играше со топка изработена од Шлезингер „Челенџ 4-стар“
Новата ера започна во Мексико во 1970 година. „Адидас“ стана официјален партнер на ФИФА задолжен за изработка на топките и тоа е така до денешен ден. Актуелниот договор трае до 2030 година.

Во Мексико се играше со топката „Телстар“, која целосно беше изработена од кожа, а беше првата бела фудбалска топка украсена со црни петоаголници, што во денешно време се смета за вистинска Класика.

За СП 1974, „Адидас“, веројатно задоволен од резултатот, не промени многу. „Адидас танго“ беше топката користена на Светското првенство во Аргентина во 1978 година. Во Шпанија во 1982 година дизајнот на „Танго“ беше малку изменет и имаше подобрена водоотпорност поради шавовите.

Првата синтетичка топка со која се играше на СП беше во 1986 година во Мексико со „Ацтека“. Издржливоста на топката е подобрена и апсорпцијата на вода беше намалена. Дизајнот на топката беше инспириран од архитектурата на Ацтеките. Во Италија 1990 година се играше со „Етруско“, која беше првата топка што имаше внатрешен слој од црна полиуретанска пена, што овозможи топката да биде побрза од сите претходни.

На Светското првенство во 1994 година, официјалната топка беше „Квестра“, додека четири години подоцна со топката „Триколоре“.
Во Кореја и Јапонија во 2002 година, „Адидас“ воведе целосно нов дизајн на топката. За прв „Адидас“ го запре развојот на „Танго“ и новата топка го доби името „Февернова“, која доби и најмогу критики дотогаш за својот квалитет.

На СП во Германија во 2006 година се играше со „Тимгејст“, топка со радикално нов пристап во дизајнот. Се состоеше од 14 поврзани компоненти, со што беше напуштен принципот од 1970 година дека треба да има 32. Секоја топка беше „персонализирана“ со датумот, местото на игра и имињата на противниците.
На СП во Јужна Африка се играше во топката „Џабулани“, која доби многу критики поради непредвидливиот лет.

Со „Бразуко“ се играше во Бразил, а на последното СП во Русија 2018 година, официјална топка беше „Телстар 18“, која беше направена по моделот на првата Телстар топка, користена во 1970 година на Светското првенство во Мексико.
„Класиката“ беше оживеана со нов дизајн и графички ефект во кои беше вметната најмодерната технологија. За првпат во историјата, технологијата за чипови НФЦ беше вградена во официјалната фудбалска топка на Светското првенство, со што „Телстар 18“ стана најиновативната топка дотогаш. Чипот овозможуваше интеракција со топката со помош на паметен телефон, при што корисникот добиваше пристап до ексклузивна содржина и персонализирани информации

ТОПКИ СО КОИ СЕ ИГРАШЕ НА СВЕТСКИТЕ ПРВЕНСТВА:

СП 1930 – Тиенто и Т-модел
СП 1934 – Федерале 102
СП 1938 – Ален
СП 1950 – Супер Дабл Т
СП 1954 – Swiss World Champion Match
WC 1958 – Топ стар
WC 1962 – Крак и Топ Стар
WC 1966 – Челенџ 4-стар
СП 1970 – Телстар
СП 1974 – Телстар Дурласт
СП 1978 – Танго
СП 1982 – Танго Шпанија
СП 1986 – Ацтека
СП 1990 – Етруско
СП 1994 – Квестра
СП 1998 – Триколоре
СП 2002 – Февернова
СП 2006 – Тимгејст
СП 2010 – Џабулани
СП 2014 – Бразука
СП 2018 – Телстра 18
СП 2022 – Ал-Рихла

- Оглас -

Најнови вести