Тренерот на Хетафе открива како го елиминираа Ајакс – најважно е да не играте како Барселона

Кога се зборува за фудбалски Мадрид, секогаш првиот фокус е на Реал, а потоа доаѓа и Атлетико. Сепак, оваа сезона двата гиганти добија уште еден придружник – тимот на Хетафе. Екипата која доаѓа од предградието на главниот град на Шпанија е една од најпријатните изненадувања во цела Европа.

Без ѕвезди во составот, без многу потрошени пари, Хетафе има неверојатно добри резултати. По 26 одиграни кола во Примера дивисион, Хетафе е на четвртото место со 45 бода, еден помалку од третопласираната Севилја, но зад себе засега ги остави клубовите Атлетико Мадрид, Сосиедад, Валенсија, Вилјареал…

Освен на домашната сцена, на Хетафе му оди одлично и во Европа. Тимот се избори да биде дел од Лигата на Европа и уште е во конкуренција на трофејот. Хетафе ја помина групата, а во првата нокаут-фаза го доби Ајакс. Холандскиот гигант и четирикратен европски првак, минатата сезона го елиминираше Реал во Лигата на шампионите, и тоа откако со 4:1 победи на „Сантијаго Бернабеу“.

Точно дека Ајакс продаде добар дел од играчите од ланскиот состав, но Хетафе сигурно ни приближно нема ѕвезди како Реал, па сепак го елиминираше гигантот од Амстердам. Во првиот меч Хетафе дома победи со 2:0, па на реваншот, откако беше 1:1, можеше да си дозволи луксуз да прими и втор гол и да загуби со 2:1, но да оди понатаму. Тренерот на Хетафе, Јосе Бордалес открива зошто Хетафе има толку добри резултати сезонава.

„Кога игравме против Барселона, нивниот голман Тер Штеген имаше 69 додавања. Не сакам голманот на мојот тим да има 69 додавања, тоа е нешто што не би поминало добро за нас. Сакам мојот тим да создава шанси и тоа е тешко ако се игра на тој начин голманот да има 69 додавања“, рече Бордалес.

 

 

- Оглас -

Најнови вести