Тренерот на Интер застана во одбрана на голманот: Раду е одличен голман, пред него е светла иднина

Интер испушти шанса да се искачи на лидерската позиција во Серија А откако на гостувањето кај Болоња загуби со 2:1. На Интер му беше потребна победа за да го „прескокне“ градскиот ривал Милан, но наместо победа, Нераѕурите загубија.

Како еден од главните виновници за поразот е посочен голманот Јонут Раду. Чуварот на мрежата во последен момент доби шанса да брани откако Самир Хандановиќ се пожали на болки во грбот, но Раду не се прослави.

На 10 минути пред крајот, Раду направи голем кикс кога ја промаши топката и овозможи Болоња да постигне погодок за 2:1.

По мечот, Раду со солзи во очите го напушти теренот, а соиграчите го тешеа. Зборови на поддршка пристигнаа и од тренерот на Интер, Симоне Инѕаги.

„Раду бранеше многу добро против Емполи и ние имаме голема доверба во него. Тоа што се случи е несреќен инцидент кој немаше да биде толку штетен ако се случеше при наше водство од 4:1, а не на 1:1. Раду треба да знае дека тој е одличен голман со светла иднина“, рече Инѕаги по поразот од Болоња.

„Одигравме добро прво полувреме и требаше да постигнеме втор погодок. Во вториот дел падна темпото на игра, а потоа се случи киксот по кој едноставно испаднавме од игра. Нема да се предадеме, остануваат уште четири меча до крајот, а ние уште имаме шанса да бидеме шампиони“, додаде Инѕаги.

- Оглас -

Најнови вести