Интер е домаќин на Милан во едно од најголемите градски дерби дуели во светот. Иако во последните неколку години двата тима од Милано ја немаат моќта да се борат за титулата во Серија А, нивните средби секогаш се посебно привлечни.
„Росонерите“ ќе ја имаат улогата на гости, но тоа најчесто и нема некаква улога во овие средби. Играчите кој моментно го носат дресот на Милан не може да се пофалат како многу искусни на ваквите дерби мечеви. Според статистиката во сегашниот состав на Милан има играчи кои заедно немаат ни 50 дерби дуели против Интер.
За разлика од сите нив, некогашниот капитен на „црвено-црните“, Паоло Малдини во својата кариера одигра 56 настапи против лутиот ривал. Малдини прв пат против Интер заигра во 1985 година, во ремито 2:2. Од тој меч па во следните две и пол децении, речиси и да немаше градско дерби на Милано, без Малдини на теренот.