Пресврт во Иран на кој им се смее фудбалскиот свет: Го отпуштија селекторот пред шест дена, па го вратија да ги води на Мундијалот

Голем циркус приреди фудбалската федерација на Иран и челниците сами си ја поништија одлуката од пред шест дена да го отпуштат селекторот Драган Скочиќ, па сега со нова одлука го вратија како селектор.

Хрватот и дефинитивно ќе го предводи како селектор Иран на Светското првенство во група со Англија, САД и Велс.

Скочиќ има договор со иранската федерација до 2023 година, а портпаролот на Иран, Ехсан Осули повика на обединување на сите во земјата како основа за добар резултат на Светското првенство.

„Ги повикуваме репрезентативците на Иран, навивачите, медиумите и сите што и посакуваат успех на нашата репрезентација да се обединиме. Скочиќ има договор до 2023 година и конечната одлука да остане селектор е донесена со срце“, изјави Осули.

Иранците веќе бараа и замена за Хрватот, а во игра за нов селектор беше легендата Али Даеи, потоа и Џавад Некунам, Амир Галенои и Афшин Готби, но неочекувано дојде до пресврт и брз кам-бек на Скочиќ, за само шест дена откако доби отказ.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести