„Црна сабота“ за најтрофејните во Шпанија, Англија и Германија

Најтрофејните клубови во Шпанија, Англија и Германија приредија разочарување на своите фанови. Актуелниот европски првак Реал Мадрид најави дека ова нема да биде ден на оние кои низ историјата може да се пофалат со најмногу трофеи. „Кралскиот клуб“ гостуваше кај Еибар и доживеа дебакл. Ѕвездите на Реал беа немоќни против мотивираните домашни играчи. Еибар на полувремето водеше со 1:0, а во вторите 45 минути со уште два гола, домаќините стигнаа до 3:0, што е една од највредните победи во Примера дивисион за нив.

Баерн Минхен остана со само шест победи по 12 одиграни меча во Бундес лигата, што е неверојатно за најтрофејниот клуб во Германија. На „Алијанц Арена“ гостуваше Фортуна Дизелдорф, тим кој се бори за опстанок. Баерн водеше со 2:0 и 3:1, но на крајот мораше да се задоволи со само еден освоен бод, откако гостите стигнаа до 3:3.

На Манчестер јунајтед веќе му стана навика да ги разочарува гледачите на „Олд Трафорд“. Кристал Палас кој досега кога и да гостувал кај „црвените ѓаволи“ секогаш губел, овојпат успеа да освои бод, откако одигра без голови.

Најтрофејните клубови во три од Топ 5 лигите во Европа не само што не победија, туку сега се и се подалеку од трката за титулата. Манчестер јунајтед има само теоретски шанси во такво силно друштво во Премиер лигата, додека Баерн заостанува девет бодови зад Борусија Дортмунд.  Реал Мадрид може да отиде на минус седум, ако Барселона победи во дербито кај Атлетико Мадрид.

 

- Оглас -

Најнови вести