Англичаните не се задоволија само со петте гола кои ги постигнаа на гостувањето во Подгорица, сега тие пријавија и расизам од страна на црногорските навивачи наменети кон Дени Роуз. Од Гордиот Албион се згрозени од односот на Црногорците кон нивните фудбалери со црна кожа.
„Ги слушнав навредите кога Дени доби жолт картон во финишот на мечот. Тоа е неприфатливо. Ќе пријавиме во УЕФА, мораме да ги заштитиме играчите“, рече селекторот Герет Саутгејт, кој додаде дека не е сигурен дали бил навредуван и Рахим Стерлинг.
Стерлинг кога даде гол на 10 минути до крајот, за време на прославата ги стави рацете зад уши, испраќајќи порака до домашните фанови дека сака повторно да слушне нешто што не му се допаѓа.
Не е првпат да има проблеми на мечевите помеѓу овие две селекции во Подгорица. Од фудбалските статистички показатели, најинтересен е фактот дека Англичаните првпат по 1984 година успеаја на две средби по ред да дадат пет гола.