Црвена ѕвезда одигра фантастичен меч и стигна до првата победа во Лигата на шампионите откако на стадионот „Рајко Митиќ“ во Белград со убедливи 4:1 го победи Штутгарт. Неверојатно делува овој резултат ако се знае дека српскиот првак имаше порази во досегашните четири меча од Лигата на шампионите, а Штутгарт на претходното гостување во елитното натпреварување го победи Јувентус во Торино со 1:0.
Штутгарт прв се израдува на погодок во Белград, кога Ермедин Демировиќ погоди за 1:0 во петтата минута. Српскиот првак не чекаше долго за да израмни. Во 12-тата минута Силас со шут надвор од шеснаесетникот донесе голема радост за домашните фанови и израмни на 1:1. Тој гол може да го видите ТУКА.
До крајот на полувремето, Црвена ѕвезда го комплетира пресвртот. Раде Круниќ најдобро се снајде во гостинскиот шеснаесетник и погоди за 2:1.
Шоуто на Црвена ѕвезда продолжи и во второто полувреме. Во 65-тата минута беше досуден корнер, а Марко Иваниќ со глава погоди за 3:1.
До крајот на дуелот следуваше шоу на Немања Радоњиќ. Најпрво погоди за 4:1 во 69-тата минута, а круна на одличната игра на Црвена ѕвезда дојде во 88-мата минута, кога Радоњиќ повторно погоди за 5:1.
Во Австрија, на стадионот во Клагенфурт, Штурм Грац минимално со 1:0 ја победи Жирона. Гостите од Шпанија беа фаворити пред мечот, но Штурм, кој имаше четири порази по ред во ЛШ, до победата стигна со гол во 59-тата минута.
Кај Жирона во стартниот состав беше Бојан Миовски, кој одигра до 67-мата минута, а потоа беше заменет и на негово место влезе ветеранот Кристијан Стуани, но играта на гостите не се смени.
Штутгарт со 4 бода е на 27-мото место на табелата во ЛШ, Штурм е на 29-тата позиција со три бода, колку што имаат и Жирона и Црвена ѕвезда, кои се на 30-тото и 31-вото место на табелата во Лигата на шампионите.