Црвените ѓаволи со пресврт до четвртфинале во ФА купот, крај за Тотенхем

Фудбалерите на Манчестер јунајтед со пресврт дојдоа до победа од 3:1 над Вест хем и пласман во четвртфиналето во ФА купот.

Првото полувреме беше мирно, немаше голови, но затоа во второто паднаа четири гола.

Домашните навивачи на „Олд трафорд“ доживеаја шок кога во 54-тата минута Бенрама го отвори резултатот. Црвените ѓаволи веднаш тргнаа на сè или ништо и успеаја да постигнат гол преку Каземиро во 72-рата минута, кој беше поништен поради офсајд.

Но, пет минути подоцна, повторно се затресе мрежата на Чеканите и овојпат беше признат голот, Агуар си ја затресе сопствената мрежа.

Јунајтед победата ја обезбеди во последните моменти од мечот, прво во 90-тата минута Гарначо погоди за 2:1, а победата ја завери Фред со голот во 95-тата минута и си закажа четвртфинална пресметка со Фулам.

Големо изненадување приредија фудбалерите на Шефилд јунајтед, кои успеаја да го елиминираат Тотенхем.

На „Брамал Лејн“, Шефилд со голот на Ндаје во 79-тата минута успеа да приреди големо изненадување и да го елиминира Тотенхем, кој очигледно се фокусира на Премиер лигата, каде што треба да го „брани“ четвртото место на табелата од Њукасл и Ливерпул.

Уште едно изненадување претставува елиминацијата на Саутхемптон од нисколигашот Гримсби. Светците, коишто играат очајно во Премиер лигата, загубија на домашен терен со 1:2 од Гримсби, а Барнли со 1:0 славеше над Флитвуд.

- Оглас -

Најнови вести