Пелистер и Брера се преселија во понизок ранг и од следната сезона ќе играат во Втората фудбалска лига откако вчера беа елиминирани во баражите за пополнување на елитното друштво од Шкендија Арачиново и од ФК Скопје.
Пелистер загуби по голема драма на пенали (4-3) во Кавадарци, а Брера беше поразена со 0-1 на мечот во Битола.
Ова е само потврда дека прволигашкото друштво и не е толку квалитетно, дека освен првите четири екипи кои се борат за највисок пласман, Вардар, Шкендија, Струга Трим Лум и Силекс, сите останати можат да се најдат во вртлогот кој влече кон Втората лига.
Првпат во историјата пет прволигаши испаднаа од елитата. Пелистер и Брера им се приклучија на Шкупи, Работнички и Македонија ЃП, клубови кои низ историјата освојуваа и шампионски титули.
Од следната сезона Првата лига ќе брои десет тима и сигурно дека ќе биде уште поинтересно. Се разбира, максимално интересно ќе биде и во второлигашката конкуренција, која, како никогаш досега, ќе има клубови со звучни имиња.

