Актуелниот НБА шампион Бостон Селтикс со убедливи 115-93 го совлада Њујорк Никс во Медисон Сквер Гарден и дојде до првата победа во оваа полуфинална серија од плејофот на Источната конференција на НБА лигата, намалувајќи го резултатот на 1-2 во победи.
Со ова продолжи трендот во Источната конференција, по шест одиграни натпревари во второто коло од плејофот, домашниот тим сè уште нема победа.
По двете победи на Никс, во кои надополнија негатива од 20 поени, Селтикс не им дозволија да направат нешто слично пред своите навивачи.
Гостите од почетокот на натпреварот систематски ја зголемуваа разликата, на крајот од првата четвртина водеа со +16 (20-36), на полувреме со +25 (46-71), а кон крајот на третата четвртина стигнаа и до најголемата разлика од +31 (65-96).
За разлика од натпреварите на домашен терен во нивниот ТД Гарден, кошаркарите на, Бостон селтикс на гостински терен погодија 20 од 40 обиди од далечина, додека Њујорк никс погодија само пет од 25. Бостон беше подобар во речиси сите статистички категории.
Пејтон Причард со 23 поени беше најефикасен во победничкиот тим. Џејсон Тејтум запиша 22 поени, девет скокови и седум асистенции. Џејлен Браун уфрли 19 поени, а Дерик Вајт 17.
Најдобар стрелец кај Њујорк никс повторно беше Џејлен Брансон со 27 поени и седум асистенции. И покрај лошата шутерска вечер (5/18), Карл-Ентони Таунс заврши со 21 поен и 15 скокови.
Четвртиот натпревар од серијата, на кој повторно Њујорк ќе биде домаќин, е закажан за ноќта меѓу понеделник и вторник во 01:30 часот по средноевропско време.
Кошаркарите на Минесота тимбервулвс поведоа со 2-1 против Голден Стејт Вориорс во полуфиналето од плејофот на Западната конференција на НБА лигата, откако во третиот натпревар во Сан Франциско победија со 97-102.
Гостите ги предводеше Ентони Едвардс со 36 поени, а веднаш зад него беше Џулиус Рендл со 24 поени, 12 асистенции и 10 скокови. Кај Вориорс, кои играа без повредениот Стеф Кари, најдобри беа Џими Батлер со 33 поени, седум скокови и седум асистенции, како и Џонатан Куминга со 30 поени и шест скокови.
И четвртиот натпревар ќе се игра во Сан Франциско.