28.8 C
Skopje
четврток, 28 август 2025

УЕФА даде потврда: Македонија – Италија ќе се игра во Битола

Стадионот „Петар Милошевски“ во Битола доби официјална потврда од УЕФА и на 9. септември ќе биде домаќин на квалификацискиот натпревар за Европското првенство, во кој репрезентацијата на Македонија до 21 година ќе се соочи со селекцијата на Италија, информираат од Федерацијата.

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) во соработка со Општина Битола во период од речиси 40-на денови реализира инвестиција вредна околу 150.000 евра, со што стадионот доби значителни подобрувања и современ изглед.

Поставени се нови столчиња на јужната трибина, целосно е обновена и обложена тартан патеката (просторот меѓу теренот и трибините), службените простории и медија делот се целосно опремени со мебел и потребен инвентар, набавени се нови клупи за резервни фудбалери, уреден е ВИП просторот, а стадионот доби и донација од ФФМ на современ ЛЕД семафор.

Дополнително, теренот е обновен со механизација и лица ангажирани од федерацијата, со што е обезбедена максимална подготвеност за претстојниот натпревар.

Со вложувањата и направените интервенции стадионот „Петар Милошевски“ ги исполнува европските стандарди и станува домаќин на натпревари од високо ниво. Ова претставува значаен чекор за развојот на инфраструктура и за афирмација на фудбалот во Битола и регионот.

Вложувањата се дел од јасната стратегија на раководството на ФФМ за модернизација на стадионите низ државата.

Она што првиот човек на ФФМ, Масар Омерагиќ го вети, подобрување на условите и враќање на фудбалот во Битола, денес е реалност и силна потврда дека македонскиот фудбал се движи во вистинска насока.

„Успехот во Битола е пример за сите. Благодарение на посветената работа со градоначалникот Коњановски и неговиот тим во општината, за кратко време го доведовме стадионот ‘Петар Милошевски’ до нови стандарди, што УЕФА и самата го потврди. Ова претставува најдобар доказ дека кога заеднички се работи, резултатите се гледаат.

Следна наша фаза е да го поддржиме процесот на реконструкцијата на градскиот стадион во Тетово, со што продолжуваме да ја исполнуваме нашата стратегија за подобрување на фудбалската инфраструктура низ целата држава“, изјави претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ.

- Оглас -

Најнови вести