УЕФА му изолира пола тим на Адријан Нухиу, Косоварите се чудат и протестираат

Познатиот македонски фудбалер Адријан Нухиу, сега тренер на шампионот на Косово, Дрита, има многу проблеми пред денешниот меч со Линфилд во финалето на претквалификациите за Лигата на шампионите, а вистински хаос направија тестовите за ковид-19 што ги прави УЕФА.

Тројца играчи на Дрита нема да играат и се испратени во изолација, а раководството на косовскиот шампион со соопштение реагира дека УЕФА направила вистински хаос и обвини за двојни аршини.

Хамди Намани, кој го постигна победничкиот гол во полуфиналето во Нион против Интер Ескалдес, е најинтересниот случај. Беше тестиран пред мечот со шампионот на Андора и доби дозвола да игра, но сега испадна дека е позитивен на ковид-19 и денеска од 18 часот нема да настапи во клучниот меч за пробив во квалификациите за ЛШ.

Сосема спротивна е ситуацијата со Фидан Гербеши, кој не играше против Интер бидејќи тестот му беше позитивен, но сега од Дрита објавија дека добиле соопштение од УЕФА дека има негативен тест.

Изолиран во карантин е и Бујар Шабани, кој бил во контакт со Гербеши, па УЕФА побарала и тој да оди во карантин. Комлетен калабалак во режија на УЕФА, обвинија од таборот на Дрита.

„Ова е шокантно однесување на УЕФА. Изненадени сме како работи Европската куќа на фудбалот. Неверојатно е за два дена да се случуваат вакви пресврти, а ние сме драстично хендикепирани пред дуелот со Линфилд. Ова не смее да ѝ се случува на сериозна организација од калибарот на УЕФА“, објавија од Дрита.

Во Нион, Швајцарија на неутрален терен се игра мини турнир на четири екипи за едно место кое води во квалификациите за Лигата на шампионите, а Дрита предводена од Нухиу ќе се обиде и покрај сите проблеми.

- Оглас -

Најнови вести