УЕФА одлучи: ЕП ќе се игра со публика, стадионите во Букурешт и Амстердам ќе бидат до 33 отсто исполнетост!

Европската фудбалска куќа УЕФА и официјално донесе одлука, мечевите од Европското првенство 2020, да се играат со присуство на публика. На овој континентален собир за прв пат ќе учествува и македонската фудбалска репрезентација.

Според распоредот, Македонија два меча ќе ги игра во Букурешт (против Австрија на 13 јуни и Украина на 17 јуни), а еден дуел ќе го игра во Амстердам, тој против Холандија (). Од УЕФА објаснија дека секој домаќин ќе може самиот да оцени со колкав капацитет ќе може да бидат отворени трибините на стадионите.

Стадионите во Букирешт и Амстердам засега се во група со тие во Глазгов и Копенхаген, каде е проценето дека на трибините ќе може да има меѓу 25 до 3 отсто исполнетост. Тоа значи дека една четвртина или една третина од стадионите ќе бидат со навивачи.

Националната арена во Букурешт е со капацитет од 55.634 места, што значи дека ако се дозволи една третина од трибините да бидат со навивачи, ќе може да има 18.544 гледачи. Ако се дозволи само 25 отсто исполнетост, капацитетот ќе биде 13.908 гледачи. 

Јохан Кројф Арената во Амстердам има капацитет речиси идентично колку и стадионот во Букурешт и може да собере 55.500 гледачи. Ако се знае дека истите услови засега важат и за овој стадион, тоа значи дека бројот на гледачи кои ќе бидат на стадионот во Амстердам на 21 јуни на дуелот Холандија – Македонија, ќе биде речиси ист како и за дуелите во Букурешт. УЕФА потенцираше дека организаторите од овие градови ќе може да го зголемат капацитетот на стадионите и тоа најдоцна до крајот на април.

Од УЕФА засега објавија дека властите во Санкт Петербург и Баку дозволија да има 50 отсто исполнетост, додека во Будимпешта стадионот треба да биде целосно исполнет, но сител гледачи ќе поминат посебни контроли за влез на стадионот. Од Лондон засега пристигнуваат информации дека ќе има минимум 25 отсто исполнетост на дуелите од групната фаза и во осминафиналето.

Засега уште се чекаат одлуките дали ќе се дозволи да има гледачи на стадионите во Билбао, Даблин, Минхен и Рим. организаторите од овие градови имаат рок до 19 април да ги кажат своите планови.

- Оглас -

Најнови вести