Украина отпадна, Мароко е дел од европската кандидатура за организација на СП 2030

Кралот на Мароко, Мохамед Шести, денеска објави дека неговата земја заедно со Португалија и Шпанија ја поднеле кандитатурата за организација на Светското првенство што треба да се одржи во 2030 година.

„Пред вашето собрание објавувам дека Кралството Мароко одлучи да поднесе заедничка кандидатура со Шпанија и Португалија за организација на Светското првенство во 2030 година“, се зборовите на мароканскиот крал.

Со поднесувањето на кандидатурата, Украина дефинитивно отпадна од можноста да биде еден од коорганизаторите на Мундијалот во 2030 година. Во октомври минатата година, претставници на Фудбалските федерации на Украина, Шпанија и Португалија објавија дека планираат да поднесат заедничка кандидатура.

Но, бидејќи војната во Украина сè уште трае, а ќе бидат потребни долги години за обнова на земјата по завршување на војната, Украина отпадна од заедничката кандидатура и на нејзино место влета Мароко.

Мароко досега неколку пати се кандидираше за организација на СП, а најблиску до добивање на можноста да биде домаќин на најдобрите светски репрезентации беше во 2010 година, кога во финалниот круг од гласањето загуби од Јужна Африка.

Досега официјална кандидатура за организација на СП 2030 година поднесоа четири земји од Јужна Америка, Аргентина, Чиле, Парагвај и Уругвај. Тие се надеваат дека ја добијат организацијата на СП бидејќи во 2030 година ќе се навршат точно 100 години од првото Светско првенство, кое се одржа во Уругвај.

Следното Светско првенство ќе се игра во 2026 година, а организатори се САД, Мексико и Канада.

- Оглас -

Најнови вести