Украина сака пријателски меч со Македонија, бара и да тренира во Скопје за мечот со Шкотска

Украина сака да одигра два пријателски натпревари со Македонија и Франција пред бараж-дуелот со Шкотска на патот кон пласман на Светското првенство во Катар.

Мечот со Шкотите, Украина треба да го игра на 1 јуни на „Хемпден парк“ во Глазгов, а претходно спаринг-партнер би била Македонија и веројатно и Франција.

Украинците дури размислуваат да останат подолго во нашата земја и да одржат и мини-подготовки пред полуфиналниот бараж-меч со Шкотите.

„Преговараме со Македонија и Франција за пријателски натпревари како дел од подготовките за натпреварот со Шкотска. Бараме и тренинг-камп за што подобро да се подготвиме за бараж-мечот. Сакаме да ја победиме Шкотска и потоа да играме и финале во баражите со Велс, изјави Олег Протасов, поранешен познат фудбалер, сега на позиција потпретседател на Украинската фудбалска федерација.

Поради војната во Украина, оваа репрезентација не ги играше бараж-мечевите во март, па дуелот со Шкотска беше пролонгиран за почетокот на јуни.

Победникот од овој дуел ќе игра со Велс, во термин што дополнително ќе го одреди ФИФА, а поуспешната репрезентација ќе игра на Мундијалот во Катар.

 

- Оглас -

Најнови вести