Претседателката на Федерацијата на училишен спорт на Македонија, Елена Мицковска, храбро го понесе најголемиот товар околу организацијата на Светското училишно првенство во ракомет за кадети кое се одржа во Скопје, а сега кога сето тоа заврши, успешно за Македонија и организациски и резултатски, може да се сумираат резултатите и да се даде оценка.
Мицковска која и самата е професорка во средно училиште, смета дека првенството на кое учествуваа над 20 земји и имавме околу 700 гости, може да добие чиста петка.
Нашата земја првпат беше организатор на ваков настан, Министерството за спорт и Федерацијата за училишен спорт се потрудија за ова да мине во најдобар ред, иако имаше и предизвици од типот учество на тимови со спорни политички и други релации како Косово и Србија, Саудиска Арабија и Израел или БиХ и Република Српска.
Истотака се исполни желбата свеченото отворање и дефилето да бидат на плоштадот „Македонија“, иако временските услови не беа идеални, па и тоа беше пребродено.
УШТЕ ПРИСТИГНУВААТ ЧЕСТИТКИ И ПОЗИТИВНИ КОМЕНТАРИ
„Како локален организациски комитет бевме задолжени за целокупната организација на ова светско училишно првенство во ракомет, и навистина сме задоволни во однос на беспрекорноста по сите основи. Најнапред од пристигнување на делегациите, нивното сместување, големото отварање на градскиот плоштад, организација на натпреварите во 6 училишни сали, денот на културата, ноќта на нациите, до големото финале во СЦ „Јане Сандански“, и се разбира безбедното заминување на сите делегации кои што пријавија учество. Предизвици секако постоеа, најголемиот за нас беше како ќе успееме да го организираме првенството затоа што сме навистина мала федерација и за прв пат се организира еден ваков настан кај нас“, вели Мицковска.
Секако ова немаше да се случи да не беа поддршката од многу релевантни институции како Министерството за спорт, Градот Скопје, Ракометната федерација на Македонија, медиумите, општествено одговорни компании, спонзори, волонтери, тренери, професори, безрезервната поддршка од тимот на Светската федерација на училишен спорт, на кои Мицковска им е бескрајно благодарна.

„Уште пристигнуваат позитивни критики од сите страни на светот, од сите делегации кои земаа учество на ова светско училишно првенство, и од Светската федерација на училишен спорт која ни ја даде довербата за еден ваков голем настан, а ние ја оправдавме“, додава жената која лани во јуни стана првата дама претседател на Федерацијата на училиштен спорт на Македонија.
КАКО ДА НЕ ОЧЕКУВАШ МЕДАЛ КОГА ИМАШ СУПЕР ТИМ?
Шлагот на тортата го дадоа македонските ракометари и ракометарки кои играа во финалињата, а машките се закитија со златото, додека девојките освоија сребро што истотака е голем успех.

„Не можеме да бидеме погорди за успесите кои ги направија нашите ракометарки и ракометари. Со сребрениот медал во женска категорија кој за мене е златен, затоа што блескаа на ова СП, па до златниот медал на нашите момци. Покажавме и докажавме дека Македонија е спортска нација, верува и вложува во училишниот спорт, а особено во ракометот кој е спорт број 1 во нашата држава. Верував во овие момци и девојки, особено што беа предводени од најдобрите селектори кај нас Даниела Новевска и Горан Кузманоски, до нашата драга шеф на делегација Индира Кастратовиќ. Со ваков прекрасен тим, со ваква енергија се разбира дека очекував медали“, вели Мицковска, а истото чувство го делат и сите искрени љубители на ракометот и спортот.
КОШАРКАТА Е НЕЈЗИНА ПРВА СПОРТСКА ЉУБОВ
Инаку Елена Мицковска е поранешна кошаркарка, што може и да се претпостави кога ќе се види незината висина. Сега таа е делегат на кошаркарски натпревари, во февруари имаше чест да биде делегат и на машкото финале на Купот во Куманово.

„Моите почетоци со кошарката беа на мои 12 години, а активно играв до 25-годишна возраст. Како поранешна кошаркарка, долги години дел и од кошаркарската федерација на Македонија како официјално лице на натпревар-делегат во највиок ранг на натпреварување, честопати сум дел на кошаркарските натпревари. За жал морам да истакнам, не само во кошарката, во повеќето колективни спортови женските тимови каскаат во однос на машките тимови кај нас во Македонија, што не е пракса во регионов па и пошироко. Недостасува навистина дополнителна стратегија за развој на женскиот спорт“, вели Мицковска која се надева дека и во тој дел ќе имаме подобрување.
Хуманитарниот тикет секогаш е составен од фудбалски натпревари, а Елена не следи странски фудбал толку често и внимателно, па околу типувањето доби помош од пријатели, со нејзин благослов и желба тикетот да биде добитен и парите да завршат каде што се потребни.
„Фудбал признавам дека следам најмногу кога игра нашиот национален фудбалски тим. Тоа е и мојот најомилен фудбалски тим. Доколку треба да изберам од нашето домашно првенство, се разбира дека мојот омилен клуб е ФК Вардар“, открива претседателката на Федерацијата на училишен спорт.
ПРОФЕСОРИТЕ СЕ ПРВ КОНТАКТ НА ДЕЦАТА СО СПОРТОТ И ТРЕБА ДА БИДАТ МОТИВИРАНИ
Оваа федерација е една од најстарите федерации во нашата држава и база на спортот, сите пред да почна да се занимаваат професионално со спорт, мора прво да поминат низ училиште и спорт на тоа ниво.

„Колку поголема база, толку поголема основа за успешни спортисти во иднина. Но, градејки ја базата градиме и здрави генерации преку спортот кои што утре треба да бидат столбот на ова општество. Треба да се крене свест кај спортските работници да веруваат во училишниот спорт, во професорите кои заслужуваат да бидат повеќе вреднувани, наградувани за нивниот вложен труд, затоа што професорите се првиот контакт на детето со спортот, да бидат мотивирани, да добијат континуирана едукација. Како професор во средно образование кој 18 години учествував со екипи во системот на училишен спорт, а денес како прво лице на федерацијата, најважно според мене е видливоста на децата, некој треба да ги види, да ги поддржи, да им каже дека се на вистинскиот пат по ова што го работат. За тоа и јас навистина се залагам и еден од основните приоритети ми се токму овие два предизвици“, заклучува амбициозната Мицковска, а ако нејзините визии и желби се остварат, во иднина можеме да се надеваме на подобри резултати на македонските спортисти.


