Ваков еврогол заслужи да ја одлучи драмата – Чано со бомба ја урна Читадела во 121 минута (Видео)

Камило Чано ја заслужи целата среќа, а ја имаше многу за да постигне победнички гол во 121-та минута со кој Фрозиноне се пласира во полуфиналето на плејофот за пласман во Серија А.

Чано упати вистинска бомба во вистински момент за да му донесе на својот тим голем успех и подвиг што ретко се гледа на вакви тешки мечеви.

Неговиот тим имаше негатива од два гола на гостувањето кај Читадела, но успеа да ги прегрми сите предизвици и да се пласира во следната фаза.

Фрозиноне беше на само 60 секунди пред елиминација, иако израмни на 2:2 во регуларниот дел. Тој резултат беше активен до првата од двете минути продолжение во дополнителното време од двапати по 15 минути и ако останеше 2:2 Читадела ќе се пласираше во полуфиналето.

Домаќинот имаше предност при нерешен резултат поради подобар пласман од Фрозиноне во регуларниот дел од шампионатот во Серија Б и ќе се пласираше понатаму, ако не беше голот на Чано во последен миг.

Таквата привилегија вчера ја искористи Киево против Емполи, но вечерва Чано не дозволи реприза. Упати бомба во 121. минута за победа на Фрозиноне, а токму тој и заслужи ваков момент по се што мина во кариерата.

Чано има 30 години, а кариерата ја почна во Наполи, каде не доби шанса, туку постојано му праќаа билети за различни дестинации. Беше на калење како позајмен играч во Леко, Кавезе, Кротоне, Падова и Авелино, за потоа да го купи Парма.

И таму му се случи истата судбина како во Неапол, па не одигра ниту еден меч за Парма, туку веднаш беше испратен на шеста позајмица во кариерата, овојпат повторно во Кротоне. Во 2015 година Парма и го продаде офанзивецот на Чезена и по две години престој во 2017 година сега веќе 30-годишниот фудбалер пристигна во Фрозиноне, каде вчеравечер го постигна највредниот гол во кариерата.

Фрозиноне ќе игра полуфинален двомеч со Порденоне на 9. и на 12. август за пласман во финалето, каде победникот од овој двомеч ќе игра со подобриот од двата дуели мешу Специја и Киево за последното место што води во Серија А за следната сезона.

- Оглас -

Најнови вести