Валверде: Ова ми е партија на кариерата, одамна не сум уживал вака!

Федерико Валверде имал извонредни настапи во дресот на Реал Мадрид, но ова вечерва беше врвот, во првата половина од првиот натпревар од осминафиналето на Лигата на шампионите против Манчестер сити даде три гола и првпат во кариерата направи хет-трик.

Без Мбапе, Родриго и Белингам кои повредени, и со Гонзало на клупата, Мадрид во нападот започна со Винисиус и Брахим Дијас во нападот, а Уругваецот Валверде го искористи ова и даде три гола во три различни стила, демонстрирајќи класа. Третиот гол беше феноменален, потсетувајќи на голот кој славниот Пеле своевремено го нарече најубав во неговата кариера.  

Ова е кулминација на сезона која не беше лесна за Валверде. Уругваецот започна добро под водство на Чаби Алонсо, но наскоро се појавија несогласувања околу потребата да игра на позицијата десен бек. Тој претпочита да игра централно, но реалноста е дека неговите силни страни одговараат на крилните позиции. Со доаѓањето на тренерот Арбелоа, ја врача формата, а даде гол за победа и во петокот против Селта Виго.

По натпреварот, Валверде изјави: 

„Неверојатно, сонувате за вакви ноќи. Ова ми е најдобар натпревар во кариерата, особено во однос на головите. Навистина уживав денес. Помина доста време откако се забавував вака. Среќен сум за победата на тимот. Денес имавме многу повеќе играчи кои ја контролираа топката во средина и се обидов да напаѓам повеќе. Моите соиграчи ми даваа неверојатни додавања, им благодарам. Имаше простор зад нас за трчање, ние сме брзи и функционираше добро. Мораме да се однесуваме едни кон други како кон браќа, да се браниме едни со други, да си помагаме едни на други, да си го чуваме грбот. Ако тимот е обединет, можеме да постигнеме големи работи. Знаеме дека ќе биде многу тешко во Манчестер, тие вршат голем притисок, нивните навивачи се многу гласни. Мораме да одиме таму како да е 0-0 и да работиме напорно“, рече Валверде. 

- Оглас -

Најнови вести