Ван Дајк се налути: Малку ли е ако ја освоиме Премиер лигата

Ливерпул загуби три од последните четири меча и според многумина, гигантот од „Енфилд роуд“ влезе во криза. Трите порази се во три различни натпреварувања. Најпрво загуби од Атлетико Мадрид со 0:1 во првиот меч од осминафиналето во Лигата на шампионите, потоа со 0:3 беше поразен од Ватфорд во Премиер лигата, а последниот неуспех го имаше во ФА купот, кога беше елиминиран од Челзи со 2:0.

Доколку Ливерпул не успее да ја надополни негативата против Атлетико, англискиот гигант ќе испадне и од ЛШ, што значи дека ќе им останат само уште натпреварите во Премиер лигата. Дефанзивецот на Ливерпул, Вирџил ван Дајк, се налути кога го прашаа за тоа дали ќе биде неуспех ако тимот стигне само до титулата во Премиер лигата.

„Ако ја освоиме само Премиер лигата? Зарем е тоа мала работа? Ние веќе го освоивме Суперкупот и Светското клупско првенство. Секогаш ќе постојат луѓе кои ќе бидат незадоволни и ќе ги бараат негативните работи. Тоа е реалноста. Или ќе се фокусирате на добрите работи или до крајот на сезоната ќе ги барате негативните работи. Јас ќе се фокусирам на добрите работи и знам дека сме во многу добра ситуација сезонава“, рече Ван Дајк.

Ливерпул цели 30 години чека на титулата во Премиер лигата, а само чудо може да се случи трофејот да не заврши во витрините на „Енфилд роуд“. В сабота Ливерпул на свој терен го пречекува Борнмут.

 

- Оглас -

Најнови вести