Ван Гал ја вклучи и науката, Холандија има „тајно оружје“ ако дојде до пенали против Аргентина

На европские и светските првенства, репрезентацијата на Холандија седум пати била во ситуација на пенали да решава дали ќе оди понатаму или ќе биде елиминирана, и само двапати биле успешни, а пет пати губеле.

Лалињата загубија на пенали и од Аргентина во полуфиналето на СП во 2014 година, а и тогаш селектор беше Луј Ван Гал. Искусниот стручњак овојпат реши да ангажира стручњак од областа на психологијата кој треба да им помогне при евентуален пенал рулет вечерва.

Во септември, Петер Марфи кој е одбојкарски тренер, стана дел од стручниот штаб на Ван Гал, за да работи со голманите. Тој ги има проучувано пеналите од научен аспект и има големо познавање на таа тема. Велат дека тој најдобро знае како спортист реагира кога е под стрес и знае како да превенира неуспех на психолошки план.

Пред почетокот на СП, Марфи рекол дека еден од тројцата голмани на Холандија е „убиец за бранење пенали“. Досега во Катар бранеше само Ноперт кој е дебитант во националниот тим.

На СП 2014, Холандија играше на пенали во четвртфиналето со Костарика и во полуфиналето со Аргентина. Против Костарика, Ван Гал на гол го испрати резервниот голман Тим Крул кој одбрани два пенали и помогна да победат, но не можеше истото да го стори и против Аргентина, бидејќи веќе направи три измени, а Силесен не одбрани ниту еден пенал.

Во пеналите, менталната сила е поважна од фудбалската техника, а Марфи е специјалист за психолошки игри. Ако има пенали, не е исклучено холанскиот голман, кој и да е, да танцува на гол-линијата за да го деконцентрира противникот.

Од трите голмани на Холандија, најуспешен во бранење пенали е 39-годишниот Ремко Пасвер, кој фатил 14 пенали од 63 кои му биле шутнати. Ноперт одбранил само еден пенал и тоа додека бранел за Фоџа во Серија Б во Италија, а Џастин Бајлоу има 4 од 24.

- Оглас -

Најнови вести