Сопругата, а воедно и агент на аргентинскиот фудбалер Мауро Икарди, контроверзната Ванда Нара, гостуваше во емисија на националната италијанска телевизија РАИ и говореше на многу теми, потврдувајќи дека уште е во брак со Икарди.
Икарди своевремено беше капитен на Интер, а во 2019 година замина во ПСЖ, прво на позајмица, потоа потпиша и договор со Светците, додека сега е во Галатасарај. Ванда се пофали дека направила одлична работа кога посредувала при продажба сопругот.
„Не испадна лошо за Интер. Заработија над 70 милиони евра, а го освоија Скудетото во Серија А. Со парите од продажбата на Мауро, купија играчи и направија добар тим. Јас го однесов Мауро во ПСЖ, но луѓето не ги ценат жените. Некој маж да му беше агент, по таков трансфер ќе се најдеше на сите насловни страници“, вели 36-годишната Ванда, која вели дека секогаш еден дел од нејзиното срце ќе биде за Интер.
Ванда стана позната пред десет години, кога го изневери сопругот Макси Лопес со неговиот тогаш близок пријател и тимски колега од Сампдорија, Икарди. Една година подоцна, Ванда се омажи со Икарди, а и нивната врска често е на „стаклени нозе“, но бракот не им е официјално растурен.
„Имам добар однос со Макси, но тој и Икарди не се поддржуваат еден со друг. Мауро е мој сопруг и до крајот на животот ќе бидеме семејство“, вели Ванда.