Една од лошите работи кои ги носи видеотехнологијата во фудбалот е што може да се радувате по постигнат гол на вашиот тим, а тој погодок да биде поништен, па радоста да биде прекината и да се покаже како избрзана.
Ова го има сфатено најдобриот дефанзивец на светот за 2019 година, Вирџил ван Дајк од Ливерпул, и затоа Холанѓанецот не го славеше првиот гол на Црвените против Манчестер сити, за разлика од неговите соиграчи. Додека сите други се радуваа на голот на Фабињо, Ван Дајк беше воздржан, но не затоа што не му било мило што повеле со 1-0, туку се плашел да не биде радоста избрзана и потоа на ВАР голот да биде поништен.
„Сега за секој гол мора прво да се почека, а потоа да славите. Затоа и не славев веднаш. Но, ако ВАР потврди дека е гол, нема враќање назад“, објасни Ван Дајк откако го прашаа зошто не се радувал.