Вардар и Црвена ѕвезда во Анталија ќе потсетат на старите добри времиња

Даниел Аврамовски ќе игра за Вардар против својот поранешен тим Црвена ѕвезда, а кога ќе се спомене фудбалската историја на „црвено-црните“ од Скопје и „црвено-белите“ од Белград, веднаш во прв план доаѓаат имињата на Дарко Панчев, Илија Најдоски, Драган Канатларовски, Слободан Горачинов и пред нив Славко Дацевски, Владо Николовски, Кирил Дојчиновски… фудбалери што играа за двата клуба.

Денеска старите фудбалски ривали со пријателски меч во Анталија ќе потсетат на старите добри времиња, кога беа противници во силната југословенска фудбалска лига.

Мечот ќе се игра од 15.30 часот и е добар тест за двете екипи на подготовките во туското одморалиште. Вардар има три порази во Анталија на трите меча што ги одигра, Црвена ѕвезда победи во единствениот меч досега на подготовките и е фаворит против нашиот најтрофеен клуб.

Натпреварот ќе го пренесува ТВ Арена и може да се гледа на нејзиниот прв канал.

 

- Оглас -

Најнови вести