Вардар има прволигашки амбици, го врати потенцијалниот репрезентативец Дарко Мицевски

Вардар им приреди пријатно изненадување на своите навивачи со одличен потег и ангажман на потенцијалниот македонски репрезентативец Дарко Мицевски.

Играчот што има два настапи за нашата национална селекција се врати кај најтрофејниот фудбалски клуб во Македонија и потпиша четири и пол годишен договор.

Мицевски има титула со Вардар од сезоната 2019/20, а настапуваше две и пол сезони во црвено-црниот дрес.

„Ми претставува голема чест и задоволство враќањето во Вардар, едноставно повикот од најтрофејниот македонски фудбалски клуб не се одбива. Им благодарам на сопственикот Слободан Крстевски и спортскиот директор Александар Бајевски за повикот и довербата, лесно се договоривме и заеднички ги усогласивме целите на клубот. Верувам во овој проект, искрено се надевам дека ќе биде еднакво успешен како и при мојот претходен престој тука. На сите навивачи и приврзаници на Вардар им ја честитам Новата година и божиќните празници, се гледаме на терен да го вратиме Вардар таму каде што му е местото“, рече играчот од средниот ред.

Досега Мицевски играше за 10 различни клубови, а во Вардар доаѓа од редовите на летонскиот првак РФС Рига.

Има настапувано за селекциите на Македонија до 17, 19 и 21 година и има и два настапи за сениорската репрезентација.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести