Најдобриот стрелец во историјата на репрезентацијата на Луксембург, Жерсон Родригеш, се очекува да биде ново засилување за новиот шампион на Македонија, Вардар. Искусниот триесетгодишниот напаѓач во својата кариера освојуваше шампионски титули во Украина (Динамо Киев), Словачка (Слован Братислава) и во Молдавија (Шериф Тираспол), па нема сомнеж дека ќе биде големо засилување за Вардар.
Сепак, не е сè толку розево кога се работи за кариерата на Жерсон. Фудбалерот кој во изминативе седум години собра 72 настапи за репрезентацијата на Луксембург и постигна рекордни 23 погодоци, моментално е суспендиран од националниот тим.
Жерсон Родригеш издржува условна затворска казна од 18 месеци поради семејно насилство и напад врз неговата поранешна девојка Емили Боланд уште минатата година, потврди Апелациониот суд во Луксембург. Според информациите на луксембуршкиот весник Wort, беше одлучено фудбалерот да исплати и отштета во висина од 2.750 евра.
Освен за семејно насилство, Родригеш се соочуваше и со дополнителни обвиненија поврзани со неколку физички напади над лица пред ноќни клубови. Обвинителството тврдеше дека фудбалерот наводно му нанел тешки повреди на едно лице, вклучувајќи скршеници на лицето, додека на друго лице му избил заб. Воедно, се наведува дека навредувал и им се заканувал на полициски службеници.
По сите овие настани поврзани со Жерсон надвор од фудбалскиот терен, челниците на Фудбалската федерација на Луксембург во август минатата година одлучија најдобриот стрелец во историјата на репрезентацијата да добие 18-месечна суспензија.
Најпрво тогашниот селектор на Луксембург, Лук Холц, реши да го повика Жерсон, но по жестоките протести, голгетерот потоа беше повлечен од националниот тим. Дури и претепаната Емили Боланд јавно реагираше на социјалните мрежи постирајќи фотографија на која е претепана, прашувајќи го тогашниот селектор: „Господине Холц, дали вашата одлука ќе беше поинаква ако ова ѝ се случеше на вашата ќерка?“
Подоцна Холц доби отказ од селекторската позиција во Луксембург.

Жерсон од пред еден месец остана без клуб, откако беше избркан од тимот на Канчанабури од Тајланд. Сега се споменува дека тој ќе биде новото засилување на Вардар за следната сезона.

