Вардар „лета“ кон Келн, Пик Сегед немоќен во „Јане Сандански“

Вардар е на 60 минути од пласман во Ф4 завршницата на континенталниот европски собир, откако го совлада Пик Сегед со убедливи 31-23 во првиот меч од четвртфиналната рунда. Црвено-црните понесени од огромната поддршка од трибините во преполниот  СЦ „Јане Сандански“, направија фантастично шоу потврдувајќи ја доминацијата на домашен терен.

Гостите имаа предност само во почетните минути од првото полувреме со 3-2, а потоа Вардар направи серија од 5-1 и со четири гола предност ја презеде контролата на средбата. Пик Сегед успеа да намали на -2 пред паузата, а домаќините на одмор заминаа со резултат од 14-12.

Во исто темпо продолжи Вардар во вториот дел. Унгарците за момент се вратија во игра при резултат од 21-20, но за среќа на Вардарци и Милосављев ја пренесе одличната форма во вторите 30 минути. Српскиот голман запиша 10 интервенции, овозможувајќи им на своите соиграчи да влезат во голгетерска серија, па така во последните две минути Вардар влезе со предност од +8.

„Бомбата“ на Криштопанс во последните секунди предизвикаа делириум на трибините, а Вардар има огромни шанси трета година во низа да биде учесник на фајнл-форот.

Криштопанс и Карачиќ со по 8 погодоци го предводеа скопскиот тим, а 6/6 имаше Скубе. Бахинди со 5 гола беше најефикасен од редовите на Пик Сегед.

 

- Оглас -

Најнови вести