Македонскиот ракометен шампион Вардар може во новата сезона да остане без настап во Лигата на шампиони. Ова го пренесува Balkan-handball според неофицијални информации од Келн каде синоќа заврши фајнл-фор викендот, а Барселона го одбрани европскиот трон.
Како причина за можната забрана Вардар да не игра во елитното европско друштво се споменуваат финансиите. Слично беше и минатата сезона кога челниците на ЕХФ бараа гаранција од еден милион евра за настап на Црвено-црните во ЛШ, но тогаш работите се средија и Вардар играше во елитното друштво.
Според најавите, конкретна одлука треба да има до крајот на оваа недела, а сигурно дека двократниот европски првак од 2017 и 2019 година ќе се обиде повторно да биде дел во друштво со најдобрите ракометни екипи во Европа.