Вардар трага по сензација каде што никогаш не победил

Пред Вардар е нов тежок предизвик во Лигата на Шампионите. „Црвено-црните“ во 19 часот гостуваат кај Барселона, само една недела откако македонскиот првак во Скопје претрпе пораз од „каталонците“. За задача да биде уште потешка, вардарци ќе играат во неосвоивата тврдина „Палау Блауграна“, теренот на кој Барса нема доживеано пораз веќе три години, додека Вардар никогаш не успеал да слави во оваа сала – имаат седум порази на седум гостувања, последниот беше минатата сезона во февруари при конечни 29-28.

Барселона е неприкосновена пред своја публика. Сезонава забележаа три победи на домашен терен, против Веспрем, шампионот Монпелје и Келце. Последниот пад пред своите љубители, „каталонците“ го претрпеа токму од полскиот состав, а тоа се случи во 2015 година. На европската сцена во оваа сезона бројат шест победи, ги забележаа сите во низа по поразот во првото коло од Рајн Некар.

За Вардар дополнителен проблем е отсуството на Рожерио Мораеш, но останатите ракометари се во полн погон и ќе мора да го покажат своето најдобро издание, за да го избегнат третиот овосезонски пораз во ЛШ.

Натпреварот е закажан за денес, со почеток од 19 часот. Во 14 часот игра и вториот македонски претставник во Лигата на шампионите, екипата на Металург, каде во Турција гостува кај Бешикташ, во рамките од осмото коло.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести