Вардаровата „машина за победи“ сега се фокусира на Војводина

Вардар перфектно ја започна новата сезона. Четири победи од исто толку меча во регионалната СЕХА-лига и три триумфи во три средби од Лигата на шампионите, доволно да се знае дека Вардар не ја загубил силата и уште е во самиот европски врв.

По победата на гости кај Веспрем во ЛШ, следи нов предизвик во СЕХА-лигата. Утре во „Јане Сандански“ гостува Војводина.

„Војводина е најдобриот тим во Србија во последните неколку години и не смееме да го потцениме ривалот. Имаат млади и добри играчи, кои играат агресивно и сакаат да покажат колку можат. Ние сакаме да докажеме дека имаме квалитет. Сигурно нема да биде тешко како на средбата против Веспрем, но мораме да ја сфатиме нашата задача максимално сериозно“, вели тренерот на Вардар, Роберто Парондо.

Војводина стартуваше со победа во СЕХА-лигата, но потоа нанижа три порази. Доколку нема потценување на противникот, Вардар треба да забележи рутинска победа.

„Оваа средба треба да ја искористиме за добра подготовка за следниот натпревар во Лигата на шампионите против Рајн Некар”, рече највисокиот играч на Вардар, Даjнис Криштопанс.

Доколку купите билет за дуелот против Рајн Некар, кој се игра во сабота, во „Јане Сандански“, во Лигата на шампионите, утрешната средба против Војводина ќе ви биде со гратис влез. Дуелот против српскиот тим започнува во 17.15 часот.

- Оглас -

Најнови вести