Вашингтон, Калгари и Торонто со „четворки“ стартуваа во плејофот

Вашингтон капитолс ги израдува домашните навивачи со стартна победа во плејоф-серијата против Каролина хурикејнс со конечни 4-2. Шампионите во улога на фаворити не потрфрлија, напротив, тргнаа фуриозно во намерата што побрзо да осигурат позитивен резултат.

Со двата гола на Бексторм и еден на Овечкин, Вашингтон поведе со 3-0 по првите 20 минути игра, додека Шеников за момент ги врати надежите на гостите во третиот период, пред Елер да ги постави конечните 4-2 во последните триесетина секунди од средбата.

Вториот натпревар од оваа серија е закажан за во недела, со почеток од 21 часот.

Водство во серијата оствари и Калгари флејмс против Колорадо аваланш. Калгари на домашен терен триумфираше со 4-0, со двата погодоци на Ткачук и по еден гол на Беклунд и Манџапане. Серијата продолжува во ноќта меѓу сабота и недела, вториот меч е закажан за 04:30 часот.

Торонто мејплс лифс уште на стартот од серијата против Бостон бруинс стигна до брејк, откако славеше со 1-4 на гостувањето во Масачусетс. Домаќините поведоа преку Бергерон во 10-тата минута, пред Марнер да изедначи на 1-1 по првиот период. Марнер беше играчот на Торонто, кој го најави пресвртот, погоди за 1-2, а потоа Ниландер и Таварес ја заверија победата.

Вториот меч од оваа серија е закажан за недела во 2 часот по полноќ.

- Оглас -

Најнови вести