Васоски: Ова е мечот на сезоната за нас, го сакаме трофејот во Купот

Екипите на Силекс и на Шкендија со иста цел ќе играат утре на Арената „Тодор Проески“ во Скопје, а тоа е да го освојат трофејот во Купот на Македонија. Влогот за двете екипи е огромен. Силекс мора да победи ако сака да избори место во европските купови, во спротивно Струга ТЛ ќе има европско лето. Шкендија сигурно ќе игра во квалификациите од Конференциската лига, но оваа сезона за нив би била неуспех ако не го подигнат пехарот во Купот затоа што веќе ја загубија битката за трофејот во првенството, каде што Вардар и официјално е нов првак.

Тренерот на Силекс, Александар Васоски, вели дека ова за нив е натпревар на сезоната.

„Ова за нас апсолутно е меч на сезоната. Знаеме дека тој може да нè однесе во Европа. Со Шкендија добро се познаваме, натпревар за уживање, а кој е подобар нека победи. Можеби малку Шкендија е благ фаворит, но ова е еден меч и ние ќе ја искористиме нашата шанса да стигнеме до победа“, рече предводникот на Силекс, Александар Васоски.

Предводникот на Силекс додаде дека кратовци како предност во финалето може да го имаат фактот дека Шкендија сезонава одигра дури 53 натпревари.

„Можеби мала наша предност ќе биде тоа што Шкендија сезонава одигра над 50 меча и можеби се малку поуморни, но ова е еден меч и сигурно двете екипи ќе го дадат максимумот“, додаде Васоски како најава за утрешниот меч на Арената.

- Оглас -

Најнови вести