Шкендија дури осум години чекаше да се пласира во финале на Купот на Македонија, а сега желба на тетовци е да стигнат до трофејот кој би бил трети во нивната клупска историја.
Тренерот на Шкендија, Јетон Беќири, вели дека финалето може да биде решено од еден момент и дека на вакви пресметки нема фаворити, ниту аутсајдери.
„Мислам дека Шкендија по осум години е во куп-финале и нормално дека ние максимално ќе бидеме подготвени. Сакаме да се надигруваме, имаме голем респект и почитување кон противникот. Во последниве две години Силекс покажа дека има квалитетна екипа, лани ни беа конкурентни до последното коло, оваа година пак покажаа дека има квалитетен состав. Финале е финале, нијанси ќе одлучуваат. Можеби имаме мала предност поради нашето европски искуство, но тоа не мора ништо да значи, во овие мечеви може да одлучи еден момент, еден потег. Ние веруваме дека ќе излеземе како победници. Да има фер судење, па кој е подобар, нека се радува на крајот“, рече Беќири на денешната прес-конференција во пресрет на утрешниот меч на Арената „Тодор Проески“.

