Вчера ќе го тепаше, денес му се извинува, но нема да се спаси од казната

Малку фалеше Франк Рибери синоќа да го натепа помошниот судија по завршувањето на дуелот меѓу Фиорентина и Лацио. Искусниот француски интернационалец беше нервозен поради поразот со 2:1, а на крајот вината ја најде кај арбитрите.

Рибери буквално двапати го отурна судијата, кој остана смирен и не влезе во дополнителен конфликт. Поради тој испад, Рибери по завршување на дуелот, заработи и црвен картон. Во фудбалот најстрого е забранет напад врз судиите и казните се ригорозни. Рибери сега е свесен дека направил грешка и се извини, но тоа нема да го спаси од суспензија.

„Жал ми е поради сè што се случи синоќа. Им се извинувам на соиграчите, на тренерот и на навивачите. Му се извинувам и на господинот Пасери, бидејќи на крајот од мечот бев многу нервозен и разочаран и се надевам дека ќе може да ме разбере како ми беше. Секогаш сакам да сум на теренот и да им помогнам на соиграчите. Очекувам Фиорентина да добива поголемо внимание, внимание кое го добиваат и останатите клубови. Ние напорно работиме секој ден за да стигнеме до добри резултати“, рече Рибери.

Искусниот Рибери летово пристигна во Фиорентина и досега во шест меча постигна два гола, а имаше и две асистенции, со што покажа дека е еден од главните играчи во тимот на Виолетовите. И покрај извинувањето, Рибери го очекува висока казна и сигурно нема да игра на следните неколку средби.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести