Величината на Меси: Го поздрави 100-годишниот дедо кој ги бележи сите негови голови во тефтер (видео)

Величината на Лионел Меси не е само во неговите остварувања на фудбалските терени. Аргентинскиот виртуоз ја покажа човечноста издвојувајќи неколку минути да му испрати поздрав преку видео на својот најстар и најверен фан, 100-годишниот дедо Ернан.

Приказната е посебна бидејќи дедо Ернан во тефтер ги запишува сите погодоци на Меси за Барселона и за Аргентина уште кога ја почна неговата професионална кариера во 2004 година. Неговите натпревари не ги следи преку малите екрани, ниту пак користи смартфон за да биде во тек со настапите на Меси, па дедо Ернан редовно го прашува својот внук колку гола даде Меси за да може да ги забележи во својот тефтер.

Иако Меси е на одмор по освоената титула на Копа Америка, со задоволство сними видеопорака специјално за неговиот најверен фан.

„Здраво дон Ернан. Твојата приказна стигна до мене. Звучи навистина лудо, дури ни јас не ги паметам сите погодоци кои сум ги постигнал. Затоа сакам да ти испратам голем поздрав, ти благодарам за сè што правиш и ти посакувам сè најдобро. Се гледаме“, порача Лео, додека дедо Ернан беше запрепастен и не му се веруваше дека Меси навистина го поздравува.

Тефтерот на дедо Ернан е преполнет со головите на Меси бидејќи ги има вкупно 748 постигнати во дресовите на Барселона и Аргентина. Сите се забележани со датум на одигрување на натпреварите и противниците кои биле „жртви“ на можеби најдобриот фудбалер на сите времиња.

- Оглас -

Најнови вести