Дарко Велковски навреме си замина од Риека, клубот кој го тресе најголемата криза во последните 60 години и вчера со поразот од Хајдук на домашен терен израмни црн рекорд стар шест децении.
Нашиот репрезентативец ова лето се пресели во Ал-Етифак во Саудиска Арабија, откако играше за Риека четири години.
Во периодот од 2018 до 2022 година со Велковски во тимот, риечани освоија два пехари во Хрватскиот куп во сезоните 2018/19 и 2019/20, а играа уште едно финале годинава и загубија од Хајдук.
Тоа беа убави времиња и за клубот и за македонскиот дефанзивец, а оваа сезона е катастрофална за Риека.
Победа забележаа во првото коло во ХНЛ и потоа имаат црна серија од 10 меча без триумф, со што го израмнија неславниот клупски рекорд од 1962 година или точно пред шест децении.
Моментно по 11 кола во ХНЛ-тимот што го предводи италијанскиот тренер Серсе Козми е последен со шест бода, колку што има и Горица, тим чиј кормилар од пред четири кола е поранешниот македонски селектор Игор Ангеловски.