Вембањама ќе биде првиот играч кој во НБА ќе постигне 101 поен

Поранешниот НБА-кошаркар Мета Ворлд Пис (Рон Артест) смета дека кошаркарот на Сан Антонио спарс, Виктор Вембањама, ќе биде првиот играч кој ќе го надмине рекордот на Вилт Чембрлен и ќе постигне повеќе од 100 поени.

Најблиску до остварувањето на Чембрлен беше Коби Брајант, кој во 2006 година на Торонто репторс му даде 81 поен.

Чембрлен во 1962 година како играч на Филаделфија во триумфот над Њујорк од 169:142 постигна точно 100 поени.

„Вем ќе биде првиот играч кој ќе постигне 101 поен на еден натпревар. Тој ќе го надмине Вилт“, напиша Ворлд Пис на социјалната мрежа Икс (поранешен Твитер).

Вембањама, кој е висок 224 сантиметри, во својата дебитантска сезона игра фантастично и во победата над Феникс од 132:121 постигна 38 поени.

- Оглас -

Најнови вести