Венеција оваа сезона буквално се прошета низ Серија Б и по само една година повторно се врати во највисокиот ранг на италијанскиот фудбал.
Денеска во Серија Б се одиграа натпреварите од 37-то коло, а првопласираната Венеција како гостин одигра 2-2 против последнопласираната Специја.
Со овој резултат Венеција уште пред последното коло обезбеди пласман во Серија А, додека Специја ги задржа само теоретските шанси за опстанок и најверојатно следната сезона ќе игра во Серија Ц.
Венеција поведе уште во седмата минута со голот на Јебоа. Истиот играч во 32-та минута имаше можност да ја удвои предноста, но не реализираше пенал за гостите.
Дополнителен проблем за Специја беше исклучувањето на Бандинели на самиот крај од првото полувреме, што ѝ ја олесни задачата на Венеција во продолжението. Гостите во 70-тата минута зголемија на 0-2 преку Саградо.
Сепак, Специја не се предаде, само три минути подоцна Валоти намали и ја врати неизвесноста. Изгледаше дека домаќините нема да успеат повеќе од тоа, но на самиот влез во судиското продолжение Артистико го совлада Станковиќ за конечни 2-2.
Ова беше вистински подвиг за Специја, која со играч помалку успеа да надополни негатива од два гола, но тоа не го расипа расположението кај играчите и навивачите на Венеција, на кои и освоениот бод им беше доволен за остварување на целта.
Венеција на врвот на табелата сега има 79 бодови и е недостижна за третопласираната Монца, која во исто време загуби на гостувањето кај Мантова со 2-3 и остана на 75 освоени поени.

