Верона и Специја ќе играат бараж за опстанок во Серија А, Јувентус ќе игра квалификации за Лига на конференции

Екипите на Верона и Специја ќе играат бараж за опстанок во Серија А откако и двата тима загубија во последното 38 коло. Двете екипи сезоната ја завршија со 31 освоен бод, и според правилата, во случај на ист број на освоени бодови, не одлучува гол разликата, туку се игра бараж натпревар.

Верона загуби со 3:1 од Милан кој пак си го завери четвртото место на табелата кое му носи пласман во Лигата на шампионите. Специја е поразена на гостувањето кај Рома со 2:1.

Римската волчица со победата го прескокна Јувентус на табелата, сезоната ја заврши на шестото место и ќе игра во Лигата на Европа. Старата дама поради одземањето на 10 бода поради финансиски малверзации, на крајот заврши на седмото место и новата сезона ќе ја започне предвреме бидејќи ќе игра во квалификациите за пласман во групната фаза во Лигата на конференции.

Милан ја победи Верона благодарение на Жиру кој го отвори резултатот во финишот од првиот дел, како и на двата гола на Рафаел Леао во вториот дел. Верона успеа да постигне еден гол и тоа преку Фараони во 72-та минута.

Рома пак со пресврт ја совлада Специја. Гостите на „Олимпико“ поведоа во шестата минута преку Николау, а во финишот на првиот дел Залевски успеа да израмни. Голот вреден победа и пласман во групната фаза во Лигата на Европа за Рома, го постигна Пауло Дибала во 89-та минута од пенал.

Поради победата на Рома, залудна беше победата на Јувентус од 1:0 на гостувањето кај Удинезе, додека најефикасниот натпревар се одигра во Бергамо каде Аталанта со 5:2 ја победи Монца. Ефикасно беше и во Лече каде домаќинот загуби со 2:3 од Болоња.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести