Вестбрук го сруши 47 години стариот рекорд, сега е нов крал во НБА (Видео)

Расел Вестбрук имаше трипл-дабл во минималниот пораз на неговиот Вашингтон визардс кај Атланта со 125:124, но и покрај тој неуспех, првата ѕвезда на Волшебниците засекогаш ќе го памти овој меч. Вестбрук успеа да го надмине рекордот на Оскар Робертсон и сега е играчот со најмногу трипл-дабл учиноци во историјата на НБА-лигата.

Цели 47 години стоеше рекордот на Робертсон од 181 трипл-дабл мечеви, а ноќеска Вестбрук успеа по 182-ри пат да има двоен учинок во три различни категории. Мечот против Атланта го заврши со 28 поени, 21 асистенција и 13 скока. Историскиот момент се случи на 8:30 минути до крајот на мечот, кога Вестбрук стигна до 10-тиот скок.

На вечната листа на играчи со најмногу трипл-дабл учиноци зад Вестбрук (182) и Робертсон (181), се Меџик Џонсон со 138, Џејсон Кид 107, додека Леброн Џејмс го чека јубилејниот 100-ти трипл-дабл.

„Расел Вестбрук, многу сум среќен за тебе. Твојата фамилија е горда на тебе. Наздравувам за твоето постигнување во кошарката“, веднаш стигна честитката од легендарниот Робертсон за новиот крал на трипл-дабл во НБА.

Ова е за првпат во последните 10 години да биде поставен нов рекорд на сите времиња во НБА-лигата. Тоа се немаше случено од 2011 година, кога Реј Ален го надмина Реџи Милер по бројот на постигнати тројки.

Во останатите мечеви кои се играа ноќеска: Кливленд – Вашингтон 101:111, Мемфис – Њу Орлеанс 115:110, Сан Антонио – Милвоки 146:125, Голден стејт – Јута 119:116, Портланд – Хјустон 140:129.

 

- Оглас -

Најнови вести