Вестбрук имаше неверојатен трипл-дабл, а потоа патиките ги даде на дете од публиката (Видео)

Расел Вестбрук одигра неверојатен меч во победата на Оклахома против Кливленд од 100:83. Првата ѕвезда на Оклахома дуелот го заврши со 23 поени, 19 скока и 15 асистенции и на тој начин се израмни со Џејсон Кид на третото место на вечната листа на играчи со трипл-дабл во НБА-лигата. Двајцата имаат по 107 меча со вакво постигнување, но на Вестбрук му требаше да одигра само 760 средби, додека Кид до таа бројка стигна одигрувајќи 1.247 натпревари.

Пред Вестбрук, на вечната листа по бројот на трипл-дабл мечеви сега се само уште двајца кошаркари. Рекордер е Оскар Робертсон со 181 таков натпревар, додека Меџик Џонсон на 138 средби имат двојно постигнување во три различни категории.

Со оваа победа, Оклахома само потврдува дека е во одлична форма. Откако на стартот од сезоната започна со 0:4, сега има 13 победи на последните 16 дуели.

Покрај одличната игра, Вестбрук направи уште еден одличен потег. По завршување на средбата, тој ги соблече патиките и заминувајќи кон соблекувалната, ги подари на едно детенце кое имаше дрес со неговото име.

Резултати: Шарлот – Атланта 108:94, Филаделфија – Њујорк 117:91, Бруклин – Јута 91:101, Хјустон – Далас 108:128, Милвоки – Чикаго 116:113, Минесота – Сан Антонио 128:89, Њу Орлеанс – Вашингтон 125:104, Оклахома – Кливленд 100:83, Портланд – Орландо 115:112, ЛА клиперс – Феникс 115:99.

- Оглас -

Најнови вести